Во рамките на Меѓународната конференција на тема: „Применети економски истражувања: пат кон оптимални национални стратегии и политики во турбулентни времиња“, покрај пленарните излагања и тематските сесии, беа организирани и неколку стручни панел-дискусии фокусирани на клучните економски предизвици со кои се соочуваат земјите од регионот.
Една од позначајните дискусии беше посветена на темата: „Влијанието на научните истражувања и анализите во поддршка на чинителите на економските политики“, на која панелист беше академик Абдулменаф Беџети, Претседател на Фискалниот совет на Република Северна Македонија.
Во своето обраќање, академик Беџети ја истакна клучната улога на независните, врз докази засновани економски истражувања во процесите на носење политики – особено во доменот на фискалното управување и буџетското планирање. Тој подвлече дека цврстата поврзаност и соработка помеѓу академската заедница и институциите е суштинска за развој на ефикасни, реални и одржливи економски стратегии, особено во услови на зголемена глобална неизвесност и регионални предизвици.