Претставници од Фискалниот совет – Академик Абдулменаф Беџети, претседател на Фискалниот совет, Проф. д-р Марина Трпеска, член на Фискалниот совет, и Ангела Николова, економист во стручниот тим – на 29 и 30 септември во Подгорица присуствуваа на Second Macro-Peer Learning Event. Настанот беше организиран од Светска банка, со поддршка од Европската Унија преку Програмата на ЕУ за зајакнување на фискалното управување во Западен Балкан.

Конференцијата ги обедини министерствата за финансии, централните банки, фискалните совети и истражувачките институти од регионот со цел размена на искуства и знаења во областа на макроекономската и фискалната политика. Учесниците имаа можност да се запознаат со најновите трендови поврзани со ревидираната рамка за фискално управување во ЕУ, макроекономските изгледи за 2025 година и потенцијалните ризици, проценките за одржливоста на јавниот долг, современите методи за следење на економскиот раст и циклуси, како и моделирањето и примената на климатските ризици.

Присуството на вакви настани е од големо значење за Фискалниот совет, бидејќи овозможува следење на најновите европски и регионални економски текови, како и дополнително зајакнување на институционалните капацитети.